Град Скопје и Министерство за здравство потпишаа договор за изградба на монтажни гаражи во скопскиот Клинички центар, со цел да се реши деценискиот хаос со паркинг простор и да се обезбеди доволно места за пациенти и посетители до втората половина на наредната година.
Во првата фаза ќе се изградат две гаражи, кои ќе обезбедат најмалку 500 нови паркинг места. Доколку се утврди дополнителна потреба, планирана е изградба и на трета гаража. Градот Скопје ќе обезбеди три милиони евра за проектот, а по ребалансот на буџетот следната недела ќе започне тендерската постапка.
Двете гаражи ќе бидат поставени кај Клиниката за гинекологија и кај хелиодромот. Просторот кај Инфективната клиника, каде што претходно беше срушена модуларната болница, во оваа фаза нема да се користи за гаража, но ќе биде уреден и останува како опција за иднина.
Министерот за здравство истакна дека градот Скопје ќе биде инвеститор, со цел да се избегне поскапување и остварување профит од приватен инвеститор.


















