Конфликтот меѓу САД, Израел и Иран влезе во деветтиот ден, а борбите продолжуваат да се шират низ Блискиот Исток, со нови напади, жртви и зголемени стравувања од поширока регионална ескалација.
Американскиот претседател Доналд Трамп во воената база Довер во сојузната држава Делавер ги пречека посмртните останки на шест американски војници кои загинале во судирите со Иран. Тој изјави дека иранското раководство е „неразумно“ и предупреди дека Техеран, според него, би можел без двоумење да употреби нуклеарно оружје.
Во исто време, иранскиот министер за надворешни работи ги обвини САД дека извршиле напад врз постројка за десалинизација на вода, што довело до сериозни проблеми со снабдувањето со питка вода во околу 30 села.
Според ирански официјални лица, американските и израелските сили во текот на ноќта извршиле напади врз пет нафтени постројки во Техеран и неговата околина. Погодени биле складишта и центри за транспорт на нафтени деривати, но пожарите подоцна биле ставени под контрола.
Израелската армија соопшти дека во воздушен напад врз хотел во Бејрут биле убиени пет лица, меѓу кои и тројца високи команданти на елитната иранска единица „Кудс“. Либанските власти потврдија дека објектот бил погоден и дека има и повредени цивили.
Конфликтот се прошири и во други држави од регионот. Во Кувајт ирански дрон погодил зграда и предизвикал голем пожар, при што била предизвикана значителна материјална штета на цивилни објекти. Во нападите загинале и двајца припадници на кувајтската гранична стража, а повеќе лица биле повредени од паднати остатоци од ракети и пресретнати беспилотни летала.
Во меѓувреме, според извори на „Ал Џезира“, Вашингтон разгледува и можност за копнена воена операција против Иран. Една од опциите предвидува испраќање околу 500.000 војници, додека алтернативниот план вклучува ограничени специјални операции.
Стејт департментот соопшти дека од крајот на февруари се евакуирани околу 32.000 американски државјани од Блискиот Исток поради зголемената безбедносна закана.
Во дипломатските реакции, рускиот амбасадор во Велика Британија изјави дека Москва не е неутрална во конфликтот и дека отворено го поддржува Иран. Во меѓувреме, американскиот претседател разговарал телефонски со британскиот премиер Кир Стармер за кризата на Блискиот Исток и можната воена соработка меѓу сојузниците.


















