ПРВ.мк
Македонија

По пет жртви на експресниот пат Градско–Прилеп, ќе се поставува нова сообраќајна сигнализација

По пет жртви на експресниот пат Градско–Прилеп, ќе се поставува нова сообраќајна сигнализација

Директорот на ЈП „Државни патишта“ Коце Трајановски најави поставување подобрена сообраќајна сигнализација на експресниот пат Градско–Прилеп, каде што од неговото пуштање во употреба за неколку месеци загинале пет лица. Тој објасни дека иако патот е изграден според законските прописи, изготвен е нов проект за сигнализација, кој веќе е доставен до Министерството за транспорт и се очекува брзо одобрување. Целта е намалување на бројот на несреќи и жртви.

Трајановски нагласи дека Државни патишта, во координација со МВР, ги детектира „црните точки“ низ државата и работи на нивно подобро обележување, апелирајќи до возачите да ја почитуваат сигнализацијата.

За состојбата на скопската обиколница, најави поголема реконструкција наредната година, како и проекти за санација на други критични делови, меѓу кои клучката Хиподром и делови кај хотелот „Белви“. За реконструкција на тријаголникот Миладиновци–Петровец–Хиподром се водат преговори со Светска банка и други кредитори.

Тој посочи дека иако се градат нови патишта, постојните не се одржуваат доволно, поради што ќе се бара повеќе средства од буџетот за нивно одржување. Исто така, се работи на подобрување на патната сигнализација, бидејќи има населени места кои воопшто не се обележани.

Во однос на изградбата на автопатите, моментално се работи на делниците Прилеп–Битола, Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани во рамки на договорот со „Бехтел и Енка“. Од автопатот Кичево–Охрид, кој го гради „Синохидро“, веќе е пуштен еден дел, а наскоро ќе биде пуштен и вториот до Охрид.

Escape