Ендру Барбер (39) од Канада бил пронајден жив по цели девет дена поминати во дивината на провинцијата Британска Колумбија, откако со камења испишал „HELP“ на голема карпа и оставил траги во кал за да привлече внимание.
Тој исчезнал на 31 јули во близина на езерото МекЛис, околу 587 километри северно од Ванкувер, откако му се расипал камионот. Потрагата траела со денови, а клучен момент бил на 8 август, кога хеликоптер на Канадската кралска коњичка полиција го забележал неговото возило на шумски пат, што ги насочило спасувачите кон потесното подрачје.
Барбер бил најден кај импровизирано засолниште кое сам го направил од гранки и кал, потпрено на карпа каде што оставил јасен повик за помош. Според полицијата, тој бил во состојба на тешка дехидрација и со повреда на ногата, но преживеал благодарение на тоа што пиел вода од вирови и се хранел со било што што ќе најдел во природата.
„Човек може да издржи долго без храна, но без вода приказната е сосема поинаква“, изјави наредникот Бред МеКинон, нагласувајќи дека Барбер веројатно немал да издржи уште еден ден доколку не бил пронајден.
Претседателот на спасувачката служба Quesnel, Боб Цимерман, изјави дека ова е пример колку малите детали можат да спасат живот. По пронаоѓањето, Барбер бил итно пренесен во болница, каде му била укажана медицинска помош, а потоа пуштен на домашно лекување.