Украинскиот претседател Володимир Зеленски им порачал на европските лидери дека нема да прифати мировен план од Доналд Трамп кој би барал откажување од дополнителна украинска територија, но навестил дека Русија можеби ќе може да ја задржи земјата што веќе ја контролира. Ова би значело замрзнување на фронтот на сегашните линии и фактичко предавање на окупираните области во Луганск, Донецк, Запорожје, Херсон и Крим.
Омекнатиот став на Киев доаѓа во пресрет на планираната средба меѓу Трамп и Владимир Путин во Алјаска. Во Украина и Европа расте стравот дека двајцата лидери би можеле да постигнат договор без учество на Зеленски. Наводниот план поддржан од Москва предвидува замрзнување на фронтовската линија ако Киев се повлече од делови од Донецк и Луганск кои сè уште ги контролира.
Европските дипломати сметаат дека целите на Путин останале исти – соборување на прозападната украинска влада и спречување на членството во НАТО. Зеленски е подготвен да преговара, но само ако добие силни безбедносни гаранции, континуирани испораки на оружје и пат кон членство во НАТО. Европските престолнини застанале зад оваа позиција, нагласувајќи дека границите не смеат да се менуваат со сила и дека агресорот не смее да профитира од војната.
Трамп, пак, изјавил дека на средбата со Путин ќе се обиде да врати дел од украинската територија и ја опишал средбата како „чувствување на теренот“ за да се види дали постои простор за договор. НАТО генералниот секретар Марк Руте предупредил дека, иако Русија моментално држи украинска територија, тоа никогаш не смее да се прифати во правна смисла.
Во моментот, Русија контролира околу 20% од меѓународно признатата територија на Украина.