ПРВ.мк
Свет

Трамп уверен дека за две минути ќе знае дали ќе има договор со Путин

Трамп уверен дека за две минути ќе знае дали ќе има договор со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека пред средбата со рускиот претседател Владимир Путин ќе одржи разговори со европските лидери и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој изрази оптимизам дека на самитот закажан за 15 август во Алјаска може да се постигне договор за брз прекин на огнот.

Трамп изјави дека европските лидери се „одлични луѓе и одлични лидери“, но нагласи дека тие се веќе „уморни“ од војната и сакаат да се фокусираат на економскиот развој на своите земји. Тој додаде дека има исклучително добри односи со нив и дека „се потпираат на него“ во однос на мировните иницијативи.

„Ќе разговарам со европските лидери, ќе разговарам со претседателот Зеленски. Сакам да ги слушнам идеите на сите. Одам на состанокот целосно подготвен. Можни се две опции – или ќе имаме добар состанок и ќе направиме чекор кон договор, или нема да успееме. Би сакал да видам многу брз прекин на огнот, веднаш“, рече Трамп, додавајќи дека неговата цел е двете страни да седнат во иста просторија и да се дојде до решение.

На прашањето дали може да замисли враќање на нормалната трговија со Русија, тој одговори дека тоа е можно доколку Путин го насочи фокусот кон бизнис наместо кон војна.

Во однос на тоа дали Зеленски ќе присуствува на состанокот, Трамп рече дека е можно, но дека украинскиот лидер веќе бил на многу вакви средби.

Самоуверено, Трамп изјави дека „во првите две минути од состанокот со Путин ќе знае дали може да се постигне договор или не“, објаснувајќи ја својата сигурност со зборовите: „Затоа што тоа го правам. Склучувам договори“.

Интересно е што за време на прес-конференцијата, американскиот претседател двапати погрешно рече дека оди на средба со Путин во Русија, иако таа е закажана во Алјаска.

Escape