Народната банка најави предлог со кој граѓаните би имале право на четири бесплатни подигнувања месечно од банкомати на други банки, секое во износ до 2.000 денари. Гувернерот Трајко Славески објасни дека целта е сите граѓани да имаат полесен пристап до готовина, без разлика во која банка имаат сметка. Според планот, мерката треба да почне да важи од почетокот на 2026 година.
Славески додаде дека, иако употребата на готовина се намалува, мнозинството граѓани сè уште ја користат, а добро е дома да се има доволно пари за основните потреби за неколку дена до една недела. Тој посочи дека приврзаниците на кешот ја ценат неговата анонимност и слобода, што е став кој треба да се почитува.
Покрај ова, беше најавена иницијатива за формирање национална мрежа на банкомати, која би се темелела на постојната банкарска инфраструктура, со цел подобра покриеност и оптимизација за доброто на граѓаните и банките.