ПРВ.мк
Спорт

Раниери откри зошто ја одби Италија!

Раниери откри зошто ја одби Италија!
Escape

Италијанскиот фудбалски стручњак Клаудио Раниери откри зошто решил да ја одбие можноста да стане селектор на репрезентацијата на Италија, иако беше прв на листата на Фудбалската федерација откако Спалети беше отпуштен во јуни.

Раниери, кој токму што успеа да ја стабилизира Рома и да го одведе тимот до 5-то место во Серија А, објасни дека немало начин да ги води и клубот и репрезентацијата во исто време.

„Тешко е да се каже „не“ на репрезентацијата на сопствената земја, но јас веќе имав обврска кон Рома. Не сакав да изневерувам никого и сметав дека не е реално да работам на двете позиции паралелно“, изјави Раниери во интервју за TG3.

Тој нагласи дека ваквата двојна улога би донела премногу компликации: „На селектор му треба слобода – да избира, да одлучува, да повикува кого сака. Ако некој играч настапи 90 минути за репрезентацијата, а потоа следниот викенд треба да игра за Рома… тоа би било преголем притисок за сите. Не сакав да создадам конфликт.“

Во меѓувреме, Раниери одлучи да ја заврши својата тренерска кариера и да премине во улога на специјален советник на сопствениците на Рома, од каде ќе ја следи работата на новиот тренер Џан Пјеро Гасперини, кому му посака успех.

„Се надевам дека ќе бидам корисен во оваа нова улога. Гасперини има голема задача пред себе, но верувам дека работите ќе одат во вистински правец“, рече Раниери.

Тој со емоции се осврна и на своето заминување од тренерската клупа: „Не очекував ваков крај. Дојдов во Рома кога клубот беше во многу тежок момент, но со заеднички сили успеавме да ја стабилизираме екипата. Жалам само што не се квалификувавме во Лигата на шампионите.“

Сепак, Раниери покажа зрелост и реализам: „Не сакам да бидам како лисицата што не може да ги дофати грозјата и вели дека се кисели. Можеби и не бевме подготвени да се соочиме со џиновите во ЛШ. Но верувам дека за неколку години, Рома ќе биде на нивото на најсилните европски клубови.“

Mia Home Mavrovo