Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за „Слободен печат“ изјави дека јавниот превоз ќе продолжи да работи со околу 180 автобуси најмалку до јуни, кога се очекува пристигнување на новите возила од тековниот тендер.
Одговарајќи на прашања за разликата помеѓу временските термини прикажани на апликациите и реалното присуство на автобусите на терен, Ѓорѓиевски рече дека ќе проверува и ги повика граѓаните да реагираат до Град Скопје и до ЈСП. „Најпрво имаше информација дека 150 автобуси биле ставени во функција, уште 30 се поправени, а изминатиов период стоеле во гаражи. Значи, околу 180 автобуси имаме во функција низ градот. Откако ќе пристигнат новите 100 автобуси од Владата и 30 од БРТ-проектот, тогаш ќе можеме да дискутираме за евентуални аномалии“, изјави градоначалникот.
Ѓорѓиевски потсети дека новите автобуси од тендерската постапка се очекуваат во јуни 2026 година.
Во интервјуто, тој зборуваше и за други градски прашања: Градот годишно плаќа околу половина милион евра за судски трошоци и отштети поврзани со каснувања од улични кучиња, најави зголемување на буџетот за „Лајка“ и уредување на парк во рамки на прифатилиштето.
Во однос на Луна парк, Ѓорѓиевски очекува тој да биде пуштен во употреба во јуни 2027 година. За БРТ-проектот, тендерот се очекува во втората половина на 2026 година, а реализацијата да започне на почетокот на 2027 година.
Дотогаш, јавниот превоз ќе продолжи да функционира со постојниот возен парк од околу 180 автобуси.

















