Скопјанец бил сниман како исфрла пет кучиња на улица, кои претходно биле одземени од кучката што тој ја чува и која не била стерилизирана. Снимката ја објави здружението „Анима Мунди“, кое го оцени потегот како неодговорно сопствеништво и побара одговорност за дејството кое е сурово и штетно.
Во видеото се слуша како жена му укажува дека со ваквиот потег малите кучиња ризикуваат да бидат повредени или загинат од возило и дека нема кој да ги храни, на што лицето одговара дека таа треба да се грижи за нив.
Од здружението нагласуваат дека проблемот со бездомни животни не се решава со справување со последиците, туку со регулирање на изворот. „Популацијата на бездомни животни е предвидлив феномен – секое нестерилизирано животно создава експоненцијален раст на нови генерации. Затоа мерки како масовно стационирање, дислокации или еутаназија никаде не дале трајни резултати. Напротив, создаваат ‘вакуум ефект’ – испразнетиот простор повторно се пополнува ако изворот остане неконтролиран“, посочуваат од „Анима Мунди“.
Здружението додава дека отворањето нови капацитети без контрола на приливот е краткорочно решение, кое индиректно испраќа порака дека неодговорното однесување ќе биде апсорбирано од институциите. „Не ни требаат повеќе стационари – ни треба систем што ќе ги празни, а не што ќе ги полни“, велат од „Анима Мунди“.
Извор: skopje1.mk

















