Наместо лесни перници, околу пет тони марихуана завршиле од Македонија во Србија, објави „Код“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против шест лица поврзани со пронајдената пратка во Коњух, која од земјава излегла преку граничниот премин „Табановце“.
Според информациите, марихуаната била декларирана како „квалитетни лесни македонски перници од Прилеп“ кои требало да патуваат за Манчестер, Англија. Перниците биле извадени од камионот и претоварени во друг, а во првиот камион биле натоварени кутиите со марихуана. Возач на камионот бил Александар Ивановски, кој е сега притворен.
Првоосомничен е сопственикот на скопската фирма „Алфафарм“, Предраг Брковиќ, кој заедно со други неидентификувани лица организирал набавка и повеќекратно транспортирање на марихуана од Македонија до Србија со товарни возила за натамошна продажба.
Брковиќ им дал насоки на своите вработени за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од фирмата „ЦБД Медплант“ од струмичкиот регион. Во текот на околу две недели биле спакувани над 200 кутии, по што вработените добиле колективен одмор.
На 13 јануари 2026 година, двајца ортаци, едниот осомничен во Македонија, другиот во Србија, организирале пренесување на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на фирмата во Скопје до атарот на Свети Николе. Кутиите биле натоварени во возилата и во два наврати пренесени до наведената локација.
Клучниот момент бил што товарното возило, првично наменето за превоз на перници, било испразнето и наместо перници, во него биле натоварени кутиите со марихуана. Од Свети Николе, возилото се упатило кон граничниот премин „Табановце“ и ја напуштило државата.
Истрагата е во тек, а Обвинителството најавува натамошни активности за целосно расчистување на случајот и утврдување одговорност за сите инволвирани лица.

















