Случајот со 25-годишникот од кумановскиот регион, кој е осомничен за серија тешки кривични дела, предизвика силна реакција во јавноста и локалните заедници. Сè погласни се прашањата дали институциите навреме требало да реагираат, со оглед на тоа што претходно биле пријавувани смртни случаи на повозрасни жени.
Жителите на регионот, во реакции пренесени од Телма, тврдат дека осомничениот им бил познат на полицијата, но дека не биле преземени соодветни мерки. Во еден од случаите постоеле и безбедносни камери на објектот, а лицето било снимено и препознаено, но снимките не биле прифатени како доказ бидејќи камерите не биле претходно пријавени.
„Полицијата, секогаш кога беше пријавуван, го пушташе, со образложение дека имал доказ дека не е психички добар“, изјавил жител на Старо Нагоричане, како што пренесува Телма.
Осомничениот беше приведен по откривање на безживотно тело на постара жена во нејзиниот дом во Старо Нагоричане. По сослушувањето, истражните органи наредиле ексхумирање на уште едно тело на помлада жена, која исто така била пронајдена мртва во својот дом. Полицијата проверува и други слични случаи од минатата година за да утврди евентуална поврзаност.
Телма претходно објави сведочење на 86-годишна жена која преживеала напад во својот дом. Нејзиниот син изразил сомнежи за можна поврзаност со други случаи и дали некој стоел зад осомничениот. „Сепак, мора да се утврди како се случило сè, дали дејствувал сам или некој го водел“, изјави тој.
Според мештани, осомничениот се движел низ селата со велосипед и живеел во заедница од мали нозе. Локалните жители посочуваат дека имал отежната комуникација, што ја комплицирало сликата за неговото однесување.
Експертите нагласуваат дека ваквите случаи можат да се спречат само со навремена и темелна истрага и координирано постапување на институциите.
Од Министерството за внатрешни работи засега не откриваат детали за тековната истрага и евентуални пропусти, додека Обвинителството најави дека ќе утврдува одговорност кај сите кои можеби пропуштиле да дејствуваат. Неофицијално, се проверуваат повеќе случаи од оваа и минатата година кои можат да бидат поврзани со осомничениот.
Инаку, во јавноста се појави фотографија од безбедносна камера на која, според извори блиски до истрагата, е забележан осомничениот за серијата убиства што ја потресоа кумановската околина.

















