Околу 500 патници останале заглавени во авиони на аеродромот во Минхен откако нивните летови биле откажани поради обилни снежни врнежи. Иако дел од авионите биле подготвени за полетување, патниците не можеле да се вратат во терминалот поради ограничен број автобуси и зафатени паркинг-позиции за авиони.
Повеќе од 100 летови планирани за четврток навечер биле откажани, а дел од патниците ја поминале целата ноќ во леталата. Според портпаролот на авиокомпанијата Луфтханза, дури и летовите што добиле специјални дозволи за ноќно полетување не можеле да тргнат, бидејќи сите паркинг-места кај терминалот беа зафатени, а капацитетот на автобусите за превоз на патници бил ограничен.
Погодени биле летови кон дестинации како Сингапур, Копенхаген, Гдањск, Грац и Венеција. Дури во раните утрински часови автобуси пристигнале и ги превезле патниците до терминалот. Од аеродромот во Минхен кратко соопштиле: „Жалиме за непријатностите што настанаа“.
Ледениот бран што го зафати регионот предизвика проблеми и во други европски градови. Виена беше погодена од студени услови, додека во Марибор голем број жители останаа без струја и вода, поради што во поширокото подрачје беше прогласена вонредна состојба.

















