Од понеделник, ден по празникот Прочка, започнува Велигденскиот пост, посветен на духовната подготовка за најголемиот христијански празник – Воскресението на Господ и Спасител Исус Христос.
Велигденскиот пост трае седум недели, односно 48 дена, од Прочка до Велигден. Иако трае 48 дена, тој се нарекува Четириесетница, затоа што првите 40 дена се посветени на строго постење, а последната седмица пред Велигден е позната како Страдална или Страстна седмица, посветена на споменот на предавството, страдањата, распнувањето и погребението на Господ Исус Христос.
Постот е време на соединување со Бога преку причестување, заедничарење и благодарење, односно преку светата Евхаристија. Неговата смисла е духовно очистување и подготовка за Воскресението. Историски, постот служел за подготовка на крстените верници и на оние што требало да бидат крстени на Велигден, преку поучување и духовно учество.
Вообичаено, во текот на постот се пости на вода, освен во сабота и недела кога се дозволува масло и вино, како и на одредени празници. Риба се јаде само на Благовештение и Цветници, а на Лазарева сабота се дозволува и икра. Првите три дена од постот, познати како тримери, некои верници ги минуваат без храна, но тоа не е задолжително.
Велигденскиот пост подразбира воздржување од месо, млеко, јајца и производи што ги содржат, а во одредени денови и од масло и вино, со претежна исхрана од растително потекло. Црквата дозволува ублажување на постот за болни, немоќни, деца до седум години, стари лица, бремени и доилки, патници и лица во специфични околности, со благослов од свештеник, но никогаш не се дозволува месо.
Сепак, постот не е само телесно воздржување. Неговата суштина е духовна – откажување од грев, лоши мисли, зборови и дела. Време е за покајание, исповед, молитва и добри дела. Светите отци поучуваат дека постењето без духовна преобразба нема вистинска вредност.
Во текот на постот, верниците се повикуваат да се воздржат од завист, осудување, кавги, гнев и злоба, да избегнуваат непристојни зборови и лоши навики, и да покажуваат љубов, трпение и милосрдие. Постот е време на духовна будност, читање на Светото писмо, учество во богослужби и внатрешно преиспитување.
Целта е доброто да стане навика и начин на живот. Велигденскиот пост не е само подготовка за празникот, туку можност за духовно зајакнување и преобразување, за да се дочека Воскресението Христово со чисто срце и обновена вера.

















