Туристка од Травник, која редовно летува во Далмација, ова лето се врати дома со горчлив вкус по престојот во Макарска. Разочарана од високите цени, слаба услуга и – како што вели – „ароганцијата и алчноста“ на домаќините, своето искуство го сподели во отворено писмо објавено од локални медиуми.
„Во кафулето до нас вчера немаше ни шест гости. Лани не ни сакаа да послужат кафе без да порачаме храна, затоа што било време за ручек. А сега – празно!“, започнува жената од БиХ.
Во писмото остро ја осудува атмосферата и ставот на угостителите: „Вашата нељубезност, глад за профит и стипса ве донесоа до ова дно. Секој пат плаќавме по 1 евро за тоалет – нема проблем, сакаме чисто. Но под пицата за 14 евра добивме само кечап – морските плодови, изгледа, останале во морето.“
Особено ја налутила, како што вели, студената и навредлива клима од домаќините: „Не доаѓаме по вас, туку по морето. Да бевте вистински домаќини, ќе ви беше подобро и сезоната ќе ви беше пополна. Ние, Босанците, си носиме сè – срце, душа и полна трпеза.“
Како пример за љубезност, ја спомнува само една жена што продавала фустани на плажа: „Купив фустан од Босанка, таа единствена се насмевна.“
Писмото завршува со порака што одекна на социјалните мрежи: „Намалете ги цените, бидете љубезни. Зимата доаѓа, сметките стигаат, туристите се помалку. Ние не сме сиромашни, ние сме луѓе. И сакаме така да нè третирате. Бидете како нас – бидејќи чувството дека си човек вреди повеќе од секоја сметка.“