Родителите на Коста Кецмановиќ, момчето кое изврши масакр во белградското училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај 2023 година, добија обврска да платат над три милиони евра како нематеријална отштета на семејствата на жртвите, според конечната пресуда на Вишиот суд во Белград. Станува збор за вкупно 344 милиони динари, кои треба да им бидат исплатени на блиските на убиените ученици, наставничката по историја Т.С., како и на двајца ученици кои беа повредени во нападот, објави српскиот портал Блиц.рс.
Судот донесе неколку посебни одлуки во однос на одговорноста. Во една од нив, одредено е дека родителите, заедно со нивниот син и училиштето, мораат солидарно да ѝ исплатат на наставничката сума од приближно 59.800 евра, како надомест за претрпена душевна болка.
Исто така, делумно беше прифатено и барањето на еден од повредените ученици, кој доби отштета во висина од околу 26.850 евра, распределена по следниот основ:
- 13.000 евра (1.500.000 динари) за намалена животна активност,
- 5.200 евра (600.000 динари) за физичка болка,
- 6.930 евра (800.000 динари) за претрпен страв,
- 1.730 евра (200.000 динари) за душевна болка предизвикана од деформација.
Се очекуваат и дополнителни судски пресуди, кои се однесуваат на тужбите поднесени од страна на уште едно повредено момче и семејството на убиено девојче.
Според информации од истрагата, родителите на Коста К. поседуваат значителен имот, кој во моментов е блокиран – не смеат да го продаваат, донираат или користат, поради тековните судски процеси. Станува збор за недвижности, земјиште и возила.
Таткото на Коста поседува стан од 87 м² и автомобил Мерцедес од 2005 година, додека мајката има значително повеќе имот:
- стан од 47 м² и паркинг место,
- половина стан од 57 м²,
- половина стан од 91 м²,
- половина удел во семејна куќа и помошен објект од 40 м²,
- околу 25 хектари земјиште – земјоделско, градежно и нива,
- автомобил Фиат 500 (модел 2017 година).
Сите нејзини сметки, хартии од вредност и готовина се блокирани, но вкупниот износ на замрзнати средства не е јавно објавен.
Проценка на „Блиц“ покажува дека нивниот највреден имот вреди најмалку 700.000 евра, што е повеќе од износот што претходно го пријавиле нивните правни застапници. Во оваа проценка не се вклучени куќата, земјиштето и автомобилите.
Имотот почна да се распродава преку судски лицитации – автомобилот на мајката, „Фиат 500 Лаунџ 1.2“, бил продаден во декември на втора јавна аукција, откако не платила долг од приближно 12.040 евра. За да се учествува во лицитацијата, купувачите морале да уплатат депозит од околу 290 евра.
Да потсетиме: на 3 мај 2023 година, Коста К. уби девет ученици и еден чувар, и повреди уште шест лица во масакрот што ја потресе цела Србија и регионот. Судот го оцени злосторството како резултат на сериозни пропусти во воспитувањето, како и пристапот на малолетникот до несоодветна содржина и оружје, вклучително и стрелиште.