Делови од Хрватска, Словенија, Италија, како и поширокиот регион на Балканот, се наоѓаат под директен удар на опасно невреме, со потенцијал за суперќелиски бури, силни врнежи, град, и дури можна појава на торнадо.
Според извештаите на Severe Weather Europe, утрово Истра е веќе зафатена од обилни дождови и електрични празнења. Но, тоа е само почетокот на силен метеоролошки бран, кој се очекува да се прошири на повеќе делови од Балканот.
Температурен шок над Балканот
Движењето на студен фронт преку Алпите предизвикува драматичен пад на температурите. Само деновиве, температурите се симнуваат од над 40°C (како што беше во Србија и Грција) на под 20°C во некои региони. Очекуваните температури ќе бидат 4 до 7 степени под просекот за крајот на јули.
Потенцијални ризици:
- Суперќелиски бури, особено над северна Италија, Истра, Кварнер, Лика, Далмација и делови од БиХ
- Крупен град што може да предизвика штети
- Разорни ветрови, особено во текот на понеделник
- Обилни врнежи, со можност за локални поплави
- Можни торнада, особено над Романија, Молдавија и западна Украина
Кога се очекува најлошото?
Најинтензивното невреме започна уште од утрово (28 јули) во областа на реката По (северна Италија) и постепено се движи на исток. Пикот на нестабилноста ќе се почувствува денес и утре (понеделник и вторник), по што ќе следи кратко стабилизирање на времето, но со температури пониски од нормалата за овој период.
Источниот Балкан и понатаму жешко
Додека централна и западна Европа се лади, Турција, источна Украина, Црното Море и југозападна Русија остануваат под влијание на екстремна топлотна купола, со температури над 40°C.