ПРВ.мк
Свет

Москва не испраќа тенкови, туку вработува криминалци – нова стратегија за тивка дестабилизација на ЕУ

Москва не испраќа тенкови, туку вработува криминалци – нова стратегија за тивка дестабилизација на ЕУ
Escape

Наместо со бомби и тенкови, Русија ја засилува својата геополитичка офанзива во Европа преку скриени саботажи, плаќање криминалци и поттикнување немири одвнатре, предупредува финскиот експерт Тимо Хеленберг во анализа за „Киев пост“. Според него, Балтикот е цел на нов хибриден фронт, каде што Москва користи етнички Руси, мигранти и локални маргинализирани групи за разорување на државниот поредок без формална воена интервенција.

Русија, според анализата, користи незадоволни малцинства – особено во Естонија и Латвија, каде што етничките Руси сочинуваат над една четвртина од населението. Овие заедници често се медиумски поврзани со Москва, политички исклучени и културно оддалечени, поради што стануваат лесна цел за влијание и регрутација.

Хеленберг објаснува дека поранешната совјетска суперсила планира серија тајни саботажи: палења на трговски центри, уништување на трафостаници и цевководи, блокади на патишта, саботажа на аеродроми и гранични премини. Наместо војници, ќе делуваат „еднократни напаѓачи“ – криминалци, мигранти или разочарани граѓани, кои ќе бидат платени од неколку стотици до неколку илјади долари за да извршат конкретна акција.

Целта е да се предизвика хаос без формално војување, а нападите лесно да се прикажат како изолирани случаи на вандализам. На тој начин, Русија може да создаде внатрешна нестабилност во ЕУ без да предизвика отворен судир со НАТО.

Во Латвија и Естонија, интеграцијата на руското малцинство долго време е проблем. Политиките за национален идентитет и јазик доведоа до тоа илјадници етнички Руси да останат без државјанство, без право на глас, што создаде тензија и простор за манипулација. Отстранувањето на образованието на руски јазик до 2025 година дополнително ги заострува односите.

Хеленберг вели дека оваа скриена стратегија на саботажа е поопасна од класичниот напад, затоа што ја напаѓа државата одвнатре. Не станува збор за интеграција, туку за итна мобилизација на безбедносните сили, кои мора да ја препознаат новата закана и да дејствуваат брзо.

„Непријателот веќе е тука“, вели тој. „Ова не е време за политички дебати, туку за оперативна подготвеност и одбрана од невидлив фронт.“

Ако Европа не го сфати ова навреме, може да се соочи со нова реалност – војна што се води во сенка, без армија, но со исти последици.

Mia Home Mavrovo