Во Словенија од 1 јануари 2026 година започнува имплементацијата на нов закон кој ветува целосна трансформација на работниот пазар, особено за оние кои се блиску до пензија. Работниците постари од 58 години или со најмалку 35 години стаж ќе имаат можност да го скратат работното време – или ќе добијат слободен петок, или ќе работат по само шест часа дневно, без да губат на плата или придонеси.
Ова е дел од моделот наречен 80-90-100, според кој ќе се работи 80% од времето, ќе се добива 90% од платата, а ќе се плаќаат придонеси како да се работи 100%. Ваквиот систем веќе се покажал успешен во други европски земји, како Исланд, Ирска и Германија, со значително подобрување на продуктивноста и ефикасноста, а сега ќе се применува и во Словенија.
Зад иницијативата стои Министерството за труд, социјални работи и еднакви можности, предводено од Лука Месец, кое веќе започна подготовка на подзаконски акти за практично спроведување. Ако мерките се покажат успешни, владата планира дополнителна либерализација на пазарот на трудот.
До 2028 година се најавуваат уште поамбициозни промени: плаќање за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите работници и скратување на работната недела на 38 часа.
Во рамки на новиот закон се предвидени и значајни подобрувања за невработените. Од 2026 година, тие ќе добиваат повисоки бенефиции – првите три месеци по губење на работата ќе земаат 130% од просечната минимална плата (над 1.660 евра). Потоа, износот постепено ќе се намалува, но и понатаму ќе биде повисок отколку досега.
Дополнително, учениците, студентите и учесниците во јавни работи ќе добијат повисоки минимални плати по час и подобрени услови за работа. Ќе има и стимулации до 40% за работодавачите кои ќе вработат лица над 59 години, а овие лица ќе имаат право на поголем број часови за привремена работа.
Пензионерите исто така ќе бидат охрабрени да останат активни. Ќе можат месечно да работат до 85 часа (наместо досегашните 60), со што значително се зголемува нивниот можен годишен приход.
Но, не е сè розово. Министерството за финансии, водено од Клемен Боштјанчич, изрази сериозна загриженост околу фискалниот товар. Проценките се дека мерките ќе чинат над 40 милиони евра годишно. Токму затоа, дел од регулативата ќе се применува по фази – до крајот на 2028 година, и тоа само ако левичарската влада остане на власт.
Зад донесувањето на овој закон стојат долги преговори со синдикатите и социјалните партнери, но финалната верзија е изгласана по итна постапка – за да може Словенија да повлече 140 милиони евра од европските фондови.