Скопје на 4 и 5 април ќе биде домаќин на еден од најзначајните спортски настани во државата – меѓународниот турнир во олимписко таеквондо, Skopje Open Ramus G1 2026, кој ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“. Станува збор за турнир од Г1 категорија, односно натпреварување од олимписка класа што е дел од официјалниот календар на Светската таеквондо асоцијација и носи бодови за олимписка норма.

Организатори на овој голем спортски спектакл се Таеквондо клуб Бутел, Македонската Таеквондо Федерација и Ramus, а очекувањата се годинава Скопје да пречека повеќе од 700 натпреварувачи од различни земји ширум светот. Според најавите, на турнирот ќе настапат и некои од најсилните светски таеквондо нации, меѓу кои САД, Кина, Италија, Канада и многу други, со свои врвни репрезентативни состави.
Токму тоа му дава посебна тежина на овој настан, кој со право се смета за најважното спортско збиднување во Македонија во овој период. Не станува збор само за уште еден турнир, туку за врвна меѓународна спортска сцена на која ќе се собира светскиот таеквондо крем, а македонската публика ќе има ретка можност одблиску да гледа борби на највисоко ниво.
Skopje Open Ramus G1 2026 ќе биде вистинска спортска промоција на државата, но и шанса навивачите да им дадат силна поддршка на македонските таеквондисти во битката за големи резултати и важни бодови на патот кон олимписките предизвици.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА


















