Скратената работна недела веќе стана тренд во светот. Земји како Белгија, Словенија, Германија, Австрија, Велика Британија, како и САД и Канада спроведуваат или подготвуваат пилот проекти за четиридневна работна недела и помалку работни часови дневно. Истражувањата покажуваат дека ваквиот модел носи поголема мотивација, продуктивност и задоволство кај работниците, што индиректно носи и поголема добивка за компаниите.
Во Македонија, засега, нема промени – работната недела и натаму трае 40 часа. Сојузот на синдикатите на Македонија силно се залага за воведување на скратено работно време, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за подобар баланс меѓу работата и семејниот живот, како и за поголема ефикасност.
Работодавците, пак, се против. Според нив, македонското стопанство е со ниска продуктивност и без високо ниво на автоматизација и модернизација е невозможно да се задржат сегашните резултати со помалку работни часови.
Синдикатите имаат контрааргумент – велат дека продуктивноста не зависи само од должината на работниот ден, туку од условите за работа, модерни технологии, правични плати и безбедна работна средина. Тие предупредуваат дека продолжувањето на старите практики води само кон одлив на работна сила.
Експертите, пак, додаваат дека скратената недела е можно решение само ако компаниите вложуваат во автоматизација, роботизација, вештачка интелигенција и во човечкиот потенцијал. Без тоа, Македонија тешко може да го следи европскиот тренд.
Граѓаните најчесто се на страната на ССМ – велат дека пократкото работно време би им донело повеќе време за семејството, а работниците би биле посреќни и попродуктивни.
Сојузот на синдикатите бара итни законски измени, усогласени со европските и светските стандарди, како и посилен социјален дијалог за да се направи првиот чекор кон скратена работна недела.
Во светот, тоа веќе е реалност. Во Македонија – уште само дебата.