До 18:00 часот денеска, на територијата на државата се регистрирани вкупно 28 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, активни се шест пожари, еден е ставен под контрола, а 21 веќе се изгаснати.
Активните пожари се регистрирани на повеќе локации: кај Дрџински рид и м.в. Стојково, село Русиново во Општина Берово каде гори дабова и букова шума со папрат, близу село Никуштак во Липковско каде е зафатена нискостеблеста деградирана шума и дабова шума, во селата Варвара и Драчевица во Општина Студеничани каде е опожарена мешана шума и ниска вегетација.
Во Општина Струмица, помеѓу селата Муртино и Банско, пожарот зафатил ниска вегетација, додека во село Фалише, Општина Тетово, гори стрништа, а во Општина Долнени, село Секирци, исто така се гори ниска вегетација. Пожарот на дивата депонија Вардариште во Општина Гази Баба е ставен под контрола.
ЦУК известува дека во текот на денот биле изгаснати 21 пожар низ повеќе општини, каде најчесто горела ниска вегетација. Во Општина Ресен, пожарот зафатил и јаболкови насади, додека во селата Оризаре и Слупчане, Општина Липково, била опожарена мешана шума и ниска вегетација. Во Општина Старо Нагоричане, село Младо Нагоричане, маало Бузанци, пожарот зафатил кровна конструкција од плевна.