ПРВ.мк
Македонија

Пожарот во „Макпрогрес“ сè уште тлее – но најновата порака на ‘Макпрогрес’ изненади многумина

Пожарот во „Макпрогрес“ сè уште тлее – но најновата порака на ‘Макпрогрес’ изненади многумина

Повеќе од 27 часа по избувнувањето, пожарот во фабриката „Макпрогрес“ во Виница, позната по брендот „Винчини“, сè уште не е целосно изгаснат и продолжува да тлее на две помали жаришта. Од компанијата соопштија дека нема опасност од ново проширување на огнот и нагласија дека најважно е тоа што нема човечки жртви.

Изгорен е цел производствен погон со три автоматизирани линии за наполитанки, вафел-барови и тортички, како и два магацини – еден за суровини и еден за готови производи. Раководството порача дека фабриката ќе биде обновена, со цел да се задржат сите работници на работа, иако ќе биде потребно време за консолидација и прераспределба на кадарот.

Министерството за здравство информираше дека 13 лица се хоспитализирани – осум работници на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка во Штип и четворица пожарникари во Кочани. Повредите се од изгореници и вдишување чад, но сите се во стабилна состојба.

Во гаснењето на огнот учествуваа противпожарни екипи од Виница, Делчево, Кочани, Штип, Пробиштип, Струмица, Кавадарци, Велес и Македонска Каменица. Компанијата најави дека во наредните денови ќе им оддаде посебна благодарност на сите служби и поединци кои помогнаа.

Од „Макпрогрес“ упатија апел за трпение и нагласија дека фабриката ќе продолжи да биде дел од заедницата во Виница, а увидот на местото ќе почне кога пожарот целосно ќе згасне.

Escape