Бројките за движење на патници низ државните гранични премини покажуваат засилен сообраќај поради туристичката сезона, празничниот викенд и враќањето на македонските иселеници. Од 1 август до утрово во 10 часот, преку ГП „Табановце“ влегле 133.165 патници, а излегле 73.640. Од нив, 52.399 биле македонски државјани кои се вратиле дома, додека 80.766 биле странци. Истовремено, 27.690 Македонци ја напуштиле државата, а со нив и 45.950 странци.
Голема фреквенција е забележана и на преминот „Богородица“ кон Грција, каде за истиот период влегле 29.959, а излегле 37.806 патници. Од нив, 11.472 биле македонски државјани што се вратиле дома, а 16.011 заминале во Грција. Кај странските државјани, 18.487 влегле, а 21.795 излегле.
МВР информира дека сите расположливи човечки и технички ресурси се активирани за побрзо спроведување на граничните проверки, и упатува апел до возачите да се придржуваат до сообраќајните правила, да се одмораат редовно и да се грижат за сопствената и безбедноста на останатите патници.