Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека постои можност за зголемување на сумата за студентскиот оброк поради инфлацијата, но тоа би се реализирало од следната година.
„Искрено се надевам дека постои таква можност. Треба да се направи нивелација на студентскиот оброк со инфлацијата, но зборуваме за следната година. За оваа година, студентите побараа проширување на квотата и ние го направивме тоа. За сè што досега побарале, сме им излегле во пресрет и им благодарам, бидејќи тоа тие го признаваат и го промовираат“, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека спроведувањето на зголемувањето зависи и од состојбата на буџетот, но дека секогаш ќе ги застапува оправданите барања на студентите. Јаневска денеска во Скопје, заедно со претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, го промовираа прирачникот за Вештачка интелигенција во образованието.