ПРВ.мк
Македонија

Сиљановска-Давкова: По 34 години сè уште водиме битка за европска и правна Македонија

Сиљановска-Давкова: По 34 години сè уште водиме битка за европска и правна Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 8 Септември – Денот на независноста, истакна дека и 34 години по референдумот за самостојна Македонија, земјата сè уште се соочува со предизвици во свет заснован на сила, а не на право.

„На 8 Септември 1991 година, врз основа на неприкосновеното право на самоопределување, 72,16% од запишаните гласаа за самостојна и независна Македонија. Така ја крунисавме вековната борба на илинденците и партизаните“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа посочи дека изминативе три децении се соочивме со внатрешни поделби, надворешни притисоци и отстапки кои не беа во согласност со референдумската одлука. Политиката, според неа, бара макотрпна борба, градење сојузи, внатрешно единство и меѓусебна почит, како и градење европска држава преку демократски институции, економија, граѓанско општество и слободни медиуми.

Сиљановска-Давкова нагласи дека младите треба да се стимулираат преку образование и наука, а не преку партизација, за да останат или соработуваат со татковината. „Само во европски амбиент се креира европска иднина“, додаде таа.

На крајот, претседателката потенцира дека нема да се откаже од македонските национални интереси и дека борбата за нив мора да продолжи на домашен и меѓународен план, по правен и демократски пат.

Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста!

Escape