СВР Битола, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ, поднесе кривична пријава до ОЈО Битола против четворица осомничени: В.П.(40) од с. Стење, ресенско, Г.М.(54) со престој во Скопје, едно непознато лице (третопријавен) и В.М.(51) од Охрид, поради сомнение за сторени кривични дела.
Првите три лица се обвинети за кривично дело „Измама“ по член 247 од Кривичен законик на РСМ, додека четвртопријавената се сомничи за „Помагање“ по член 24 во врска со член 247 од КЗ.
Според истрагата, на 05.02.2026 година на ул. „Маврово“ во Битола, тројцата сторители со лажно прикажување факти довеле во заблуда 72-годишна битолчанка, тврдејќи дека нејзината снаа е тешко повредена и дека се потребни пари и злато за операција. Оштетената ѝ предала златен накит на првопријавениот, кој подоцна го предал на второпријавениот. На овој начин е причинета штета од околу 40.000 денари.
Следниот ден, на 06.02.2026 година, кај Саат кулата во Битола, истата група измамила 76-годишна жена и нејзиниот сопруг, од кои одзеле околу 430.000 денари.
Од ноември 2025 до 21.02.2026 година, второпријавениот и четвртопријавената ги пренесувале и предавале средствата стекнати со измами во Република Бугарија, односно во Софија, на третопријавениот, при што дел од парите ги задржувале за себе.
Според проценките, со измамите извршени во повеќе градови, осомничените се стекнале со противправна имотна корист од околу 3.700.000 денари.
Од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Битола, на Г.М. му е определена мерка притвор во траење од осум дена, додека првопријавениот веќе издржува мерка притвор.

















