Екстремисти поврзани со Исламска држава извршија брутален напад врз католичка црква во Конго, при што беа масакрирани најмалку 43 лица. Телата на убиените, меѓу кои има и жени и деца, останаа на подот од црквата додека волонтери копаат масовна гробница во црковниот двор.
Напаѓачите, вооружени со мачети и огнено оружје, упаднале во црквата во мракот, а потоа запалиле и неколку куќи и продавници. Армијата првично потврди 10 жртви, но локалните медиуми и ОН јавуваат за најмалку 43 мртви, а некои извори тврдат дека бројката е над 50.
Станува збор за милитанти од Сојузничките демократски сили (ADF), една од најкрвавите терористички групи во регионот, која делува под закрила на Исламска држава.
Очевидци бараат итна воена интервенција, предупредувајќи дека терористите се сѐ уште блиску до населбите, и покрај тоа што во регионот има присуство на безбедносни сили. Источен Конго веќе со години е цел на крвави напади од вакви џихадистички групи, при што се убиени илјадници цивили.