Македонија го активираше Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија откако состојбата со пожарите излезе од контрола. Државата официјално побара меѓународна помош, пред сè воздухопловна поддршка, бидејќи домашните капацитети се веќе исцрпени од секојдневната борба со огнот.
„Нема врнежи, а таму каде што се најпотребни – ги нема ни шансите за нив. Затоа денеска се одлучивме на овој чекор“, изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Моментално се евидентирани 16 пожари: 8 се активни, 6 се ставени под контрола, а 2 се целосно изгаснати. Најголема опасност претставува пожарот на планината Готен, кој се доближува до населени места. Интервенции се спроведуваат и по земја и по воздух, но огнената стихија напредува брзо.
Ангелов упати итен апел до жителите во загрозените подрачја: „Ги молам сите да изорат појас од 5 до 10 метри околу своите домови. Тоа може да го спаси животот и имотот. Секој трактор, секој алат е вреден.“
Во акциите беше евакуиран повреден припадник на Армијата со хеликоптер „Агуста Бел 212“. Пожарите се шират и кон Македонска Каменица, Крива Паланка, Куманово, Желино, Прилеп и Македонски Брод, а ситуацијата станува сè поопасна.
Граничниот премин Меџитлија беше привремено затворен поради пожарот, а досега се приведени 27 лица и поднесени се 19 кривични пријави за предизвикување пожари. Властите повикуваат на максимална претпазливост и целосна соработка со службите – бидејќи борбата допрва се заострува.