Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе строги дисциплински мерки по инцидентот на младинскиот натпревар меѓу Шкупи 1927 и Брегалница 2008 во Штип.
Најтешка казна доби играчот на Шкупи, Абдуљи Леарт, кој физички нападна противнички фудбалер и му нанесе сериозни повреди – тој е исклучен од фудбалската организација.
Неговите соиграчи, Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар, се суспендирани три месеци, додека играчот на Брегалница, Гоцев Симеон, ќе паузира четири натпревари поради груба игра и пречекорена самозаштита.
Казни следат и за клубовите. Шкупи се соочува со дисциплинска постапка поради напад од родители/навивачи врз противнички играчи, а Брегалница за слаба организација и пропусти во обезбедувањето.
Дисциплинска постапка е поведена и против Алејса Виши, координатор во Шкупи 1927, поради наводно давање лажни информации и внесување непостоечки лица во системот на ФФМ.
Во меѓувреме, Основниот суд во Штип одреди осумдневен притвор за 43-годишен родител кој за време на натпреварот влезе на терен и физички нападна двајца малолетни играчи.