ПРВ.мк
Спорт

Историски успех: Евгениј Поп Ацев го совлада Ла Манш за помалку од 10 часа

Историски успех: Евгениј Поп Ацев го совлада Ла Манш за помалку од 10 часа

Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев испиша нова спортска историја, откако успеа да го преплива каналот Ла Манш и стана само петтиот Македонец кој се впишал во оваа елитна листа.

Според информациите од Асоцијацијата за пливање преку каналот Ла Манш, Поп Ацев го завршил подвигот за неверојатни 9 часа и 43 минути – време кое само ја потврдува неговата извонредна издржливост и посветеност.

Асоцијацијата упати големи честитки за неговиот подвиг, потсетувајќи дека Поп Ацев е трикратен светски шампион, член на Меѓународната сала на славните за маратонско пливање и учесник на повеќе од 100 натпревари од светска класа во периодот од 2007 до 2021 година.

„Ова е навистина неверојатен подвиг. Евгениј покажа огромна сила, дисциплина и спортски дух. Благодарност до целиот екипаж кој беше дел од оваа историска авантура“, стои во соопштението.

Поп Ацев се приклучи на легендарните македонски имиња кои претходно го совладале Ла Манш: Нико Нестор, Атина Бојаџи, Томи Стефановски и Игор Димовски.

Овој подвиг уште еднаш ја потврдува традицијата на македонското маратонско пливање и ја става Македонија на светската спортска мапа.

Escape