Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова остро реагираше на националистичките скандирања што се слушнаа на вчерашниот натпревар меѓу Шкендија и Карабах, оценијќи ги како „реприза“ на трагичните случувања во Куманово. Во својата објава на Фејсбук насловена „Ненаучена лекција“, таа повика на единствена и безкомпромисна борба против ваквите инциденти и навивачки примитивизам.
„Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам“, напиша Сиљановска-Давкова, истакнувајќи дека само со единство и доследност во борбата против „шовинистичките изблици, без разлика од кого доаѓаат“, може да се изгради здраво општество.
Ова е втора нејзина реакција во неколку дена, откако претходно осуди слични скандирања на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, предупредувајќи дека спортот не смее да служи како платформа за говор на омраза.
Таа потсети и на инцидентот од јули годинава, кога играчите на велшкиот тим TНС се пожалиле на расистички коментари од навивачи на Шкендија.
На вчерашниот натпревар на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, публиката скандираше „Илирида“, а дел од медиумите објавија дека имало и повици за „Голема Албанија“. Натпреварот го следеа и претседателот на Собранието Африм Гаши и вицепремиерот Изет Меџити.
Полицијата и Основното јавно обвинителство – Скопје ги преземаат сите неопходни мерки за расчистување и санкционирање на инцидентите, и покрај претходните предупредувања за ригорозни казни кон сите кои ќе користат навреди врз етничка, верска или национална основа.
Овој случај доаѓа во сенка на сличните националистички скандирања од претходниот викенд во Куманово, каде што на кошаркарски натпревар меѓу Македонија и Романија се слушаа антиалбански навреди, и тоа во присуство на владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.