ПРВ.мк
Македонија

Фестивалот „5РЕ“ ја круниса уметноста: „Другата страна“ апсолутен победник, силни актерски имиња меѓу наградените

Фестивалот „5РЕ“ ја круниса уметноста: „Другата страна“ апсолутен победник, силни актерски имиња меѓу наградените

Петтото издание на Театарскиот фестивал „5РЕ“ уште еднаш ја потврди својата позиција како значајна културна сцена каде талентот, посветеноста и уметничката храброст оставаат силен впечаток. Годинава, фестивалот донесе богата и современа програма која публиката ќе ја памети.

Највисокото признание – Гран при за најдобра претстава во целина – ѝ припадна на „Другата страна“, во режија на Борис Лијешевиќ, продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица. Истата претстава доминираше и во други категории, при што Лијешевиќ ја освои наградата за најдобра режија, а актерот Александар Радуловиќ беше прогласен за најдобра главна машка улога за неговата изведба на ликот Вук.

Публиката, пак, го даде својот глас за претставата „Аматери“ на Театар Комедија – Скопје, во режија на Синиша Евтимов, која ја освои наградата за најдобра претстава според публика.

Во категоријата за најдобра главна женска улога беше наградена Јована Спасиќ за улогата на Оливија Нил во „Куршуми над Бродвеј“ (Драмски театар – Скопје). Истата претстава донесе признание и за Сашо Тасевски, кој ја освои наградата за најдобра споредна машка улога.

Наградата за најдобра споредна женска улога ѝ припадна на Тања Кочовска за улогата на Спиројца во „Народен пратеник“ во продукција на Македонскиот народен театар.

За сите награди одлучуваше стручно жири во состав: актерката Зорица Панчиќ, актерот Владимир Тулиев и режисерката Елеонора Теова.

Со силни изведби и впечатливи продукции, „5РЕ“ уште еднаш покажа дека театарот не е само уметност – туку искуство што се чувствува, се памети и остава траен белег.