Министерството за здравство објави предлог-измените на Законот за пресадување делови од човечкото тело, со кои се предвидува значително олеснување на процедурите за органдонорство. Главната новина е можноста граѓаните да се регистрираат како потенцијални донори преку едноставна изјава кај матичен лекар или преку мобилна апликација.
„Ова е уште еден чекор за подигнување на јавната свест за значењето на органдонорството, како највисок акт на човекољубие со кој се спасуваат човечки животи. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, системот да биде потранспарентен и подоверлив, а личната одлука да се врати таму каде што ѝ е местото – кај човекот“, соопшти Министерството за здравство.
Според предлог-законот, доколку лицето веќе дало согласност за донирање по смртта, семејството повеќе нема да може да ја спречи таа одлука. Дополнително, се проширува кругот на живи дарители, но со строга контрола од Етичка комисија за да се спречат какви било злоупотреби.










