Во последно време, Турција се истакнува како една од најпопуларните дестинации за медицински туризам во регионот, а најновиот хит меѓу пациентите се операциите за намалување на висината. Според извештаите на телевизијата СиЕнЕн-Турк и весникот „Поста“, сè повеќе луѓе, особено жени, одлучуваат да ги скратат своите нозе со хируршки интервенции.
Во турските клиники се практикуваат процедури каде што се скратуваат фемурот и тибијата, со што пациентите можат да изгубат од 3 до дури 8,5 сантиметри од својата висина. Оваа техника, велат лекарите, е многу прецизна и остави минимални траги – по операцијата речиси не остануваат видливи лузни.
Периодот на опоравување е релативно краток – пациентите обично се отпуштаат од болница по 3 до 5 дена, но во следните два месеци мораат да користат помагала за одење или инвалидска количка. Најголем дел од нив можат повторно самостојно да одат околу шестата недела по интервенцијата.
Овој тренд ја зголемува привлечноста на турскиот медицински туризам и го позиционира регионот како иновативен и поблиску до потребите на пациентите со нестандардни барања за естетска корекција.