Маж на возраст од 46 години попладнево се удавил во Дебарско Езеро, во делот близу Општина Центар Жупа.
Во 16:05 часот, во ОВР Дебар е пријавено дека во водите на Дебарско Езеро, во близина на селото Папрадник, било забележано безживотно машко тело. Полициските службеници од ОВР Дебар констатирале дека се работи за М.И. (46) од Скопје.
На местото на несреќата бил извршен увид од страна на полициски службеници и јавен обвинител. По наредба на јавниот обвинител, телото е предадено на обдукција за утврдување на точната причина за смртта.
Екипа на итна медицинска помош пристигнала брзо по дојавата, а дежурниот лекар само констатирал смрт. На телото не биле забележани траги на насилство, потврдија од Општата болница со проширена дејност.
Според рибочуварската служба, станува збор за спортски риболовец кој често посетувал Дебарско Езеро и поседувал дозвола за риболов.
Ова е втор случај на давеник во Дебарско Езеро ова лето. На крајот на јуни, 27-годишна жена се удави во близина на градската плажа. Телото било извлечено од двајца граѓани, но обидите за реанимација биле безуспешни.