ПРВ.мк
Балкан

Германски медиуми алармираат: Србија гори, Вучиќ под силен притисок

Германски медиуми алармираат: Србија гори, Вучиќ под силен притисок

Во Нови Сад илјадници граѓани излегоа на улица против властите, но протестите завршија со жестока интервенција на српската полиција и жандармеријата. Германската агенција ДПА објави дека акцијата почнала кога непознати лица фрлале предмети кон полицајците пред Филозофскиот факултет – место кое со месеци е центар на студентскиот отпор. Под заштита на полицијата, декан лојален на власта ги истера студентите кои девет месеци ја окупираа зградата.

Протестите, поттикнати од уривањето на настрешницата на железничката станица во градот, прераснаа во најголемо и најдолго протестно движење во Србија од распадот на Југославија. Опозицијата ја обвинува власта за корупција, а демонстрантите бараат предвремени избори. ДПА наведува дека Вучиќ и неговата влада се под огромен притисок, а ситуацијата дополнително ескалира поради се почестите судири меѓу полицијата и граѓаните.

Германската телевизија АРД ја пренесе приказната на наставничката Славица Филиповиќ, која по 24 години работа останала без работа затоа што учествувала на протестите. Таа сведочи за полициската бруталност и притисоците врз граѓаните.

На удар е и телевизијата Н1, која известува критички за власта. Програмскиот директор Игор Божиќ изјави дека новинарите се подготвени да се борат за правото на слободно информирање, и покрај притисоците и вмешаноста на власта во медиумските договори.

Иако ЕУ засега се воздржува од критики кон Белград, европратеникот Михаел Галер предупредува дека Србија мора да се соочи со финансиски последици доколку не се подобри слободата на медиумите и борбата против корупцијата.

Ситуацијата во Србија станува сѐ понапната – граѓаните на улица, полицијата со сила, а Вучиќ под сè поголем меѓународен притисок.

Escape