Во срцето на Пулскиот залив, на само два километри од познатата Арена, се наоѓа островот Свети Андрија – единствениот остров во заливот кој нема никаква врска со копното. По речиси две години целосна забрана за пристап, тој повторно е отворен за јавноста, но властите предупредуваат: посетата е исклучиво на сопствена одговорност.
Забраната беше воведена во 2023 година поради безбедносни причини, бидејќи бродоградилиштето Уљаник со децении го користеше источниот брег како магацин за тешки метални делови и бетонски блокови. Откако тие беа отстранети, комуналните служби започнаа чистење на островот, сечење на жбуновите и отворање на патеки, бидејќи целата површина беше целосно обрасната.
Иако сега може да се посети, теренот е далеку од безбеден – островот е полн со трње, нестабилни делови, дупки и скриени бунари. Локалните власти дури предупредуваат дека невнимателните туристи наместо сувенири може да си заминат со извиткан зглоб или тетанус.
Засега расчистувањето е само прва фаза во уредувањето, па на островот нема никаква инфраструктура за посетители. Сепак, добро оформени патеки и пристап до австроунгарските тврдини ќе бидат главна атракција за љубителите на историјата и авантуристичките прошетки.
Заменик-градоначалникот на Пула, Синиша Гордиќ, изјави дека пред нив е уште многу работа за да престојот на островот стане целосно безбеден, но истакна дека токму таму се наоѓаат некои од најинтересните австроунгарски тврдини во целиот регион.
Секој што ќе реши да го посети островот, треба да знае едно – Свети Андрија е отворен, но ризикот целосно паѓа врз оние кои ќе зачекорат на него.