Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) оценува дека главната причина за непокачување на платите не е ниската продуктивност на работниците, туку „лакомоста на газдите“ и неправедната распределба на создадената вредност. Според синдикатите, најголем дел од приходите завршуваат во профит, инвестиции и други трошоци, наместо кај работниците.
Претставникот на ССМ, Иван Пешевски, тврди дека постои економски простор за зголемување на платите и дека аргументите за можни отпуштања, затворање фабрики или зголемена инфлација „паѓаат во вода“. Според него, работодавачите ги експлоатираат работниците, а власта ја поддржува состојбата со одложување на зголемувањето на минималната плата.
Од друга страна, Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи на Македонија смета дека продуктивноста често се користи како изговор за незголемување на минималната плата, но истовремено признава дека многу компании немаат воведено стандарди за нејзино мерење.
– Работодавачите не знаат како да ја измерат продуктивноста, бидејќи немаат инвестирано во алатки, знаење и технологија – вели Бошков во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој додава дека Конфедерацијата е за зголемување на платите, но бара покачувањето од 6.000 денари да биде ослободено од социјални придонеси.
Во меѓувреме, дел од економските експерти предупредуваат дека раст на платите без соодветен пораст на продуктивноста може да придонесе за зголемување на инфлацијата.
Синдикатите веќе започнаа протести со барање минималната плата да изнесува 600 евра, како и линеарно покачување на сите останати плати.

















