Институциите ќе одат со „мека имплементација“ на новиот Закон за заштита од пушење, најави советникот во Министерството за здравство, Никола Грбачевски, во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21.
Според него, ставот на Министерството за здравство е законот да биде донесен што е можно поскоро, но неговата примена да оди фазно – односно најпрво со опомени и едукација, а потоа со казни. Тоа значи дека, иако законот предизвика реакции кај угостителите, нема да започне со целосна и строга имплементација веднаш на 1 март.
Грбачевски истакна дека целта не е повлекување од реформата, туку намалување на судирот меѓу јавноздравствените интереси и економската реалност во угостителскиот сектор. Во дијалог со јавноста и бизнис-заедницата, институциите ќе работат на постепено создавање јавни простори без чад.
Сѐ уште не е утврдено колку ќе трае фазата на прилагодување. Според најавите, периодот може да биде три, шест или осум месеци, а конечната одлука ќе ја донесе оперативната работна група.
Новиот предлог-закон предвидува целосна забрана за пушење на класични цигари, електронски цигари и уреди со загреан тутун во сите затворени јавни и угостителски објекти, компании, институции, училишта, градинки, автобуски и железнички станици, пазари, културни и спортски објекти.
Дополнително, се воведуваат ограничувања и на отворен простор – ќе биде забрането пушење пред влезови на училишта и градинки, на детски игралишта, како и во приватен автомобил доколку во него има дете.
Казните за граѓаните ќе се движат од 150 до 300 евра, додека за фирмите можат да достигнат и до 5.000 евра.
Во јавната дебата, дел од угостителите, малите трговци и претставници на индустријата бараат пролонгирање и дополнителна доработка на законските решенија, посочувајќи на потребата од прецизни преодни одредби и јасни рокови за прилагодување.

















