Градот Струга и околните села и натаму се соочуваат со забрана за пиење вода од градскиот водовод поради матност која варира на различни мерни точки, потврди д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центар за јавно здравје – Охрид.
Денешните мостри покажуваат матност од 0,62 до 1,73, при што дозволената вредност е 1,5. Според Симоноска, матноста на дел од мерните места е веќе во нормала, но забраната останува додека не се регистрираат три последователни мостри низ градот без варијации во матноста. Водата може да се користи само за техничка употреба.
За разлика од градскиот водовод, кој е поврзан со изворите во Белица и селото Заграчани, изворот „Шум“ бележи значително повисоки вредности на матност. Денешните мостри покажуваат 6,61, додека вчерашните беа 1,46. Симоноска нагласува дека овој извор нема лесно да се стабилизира.
Стружани веќе 19 дена немаат вода за пиење поради заматеноста од изворот „Шум“. Градоначалникот Менди Ќура посочи дека причината е во ископите околу изворот, кои се правеле години наназад. Основното јавно обвинителство – Струга отвори предмет и наложи забрана за две правни лица од Велешта да пристапуваат до парцелите каде вршеле ископ.
Првите мостри од 9 февруари покажаа матност од 28,56, значително над дозволената вредност од 1,5, што го поттикна воведувањето на сегашната забрана за пиење вода.


















