ПРВ.мк
Македонија

AХВ реагира: Кравите во Крива Паланка не можат да се соберат преку ноќ!

AХВ реагира: Кравите во Крива Паланка не можат да се соберат преку ноќ!
Kristal

Проблемот со стадото крави кои со години слободно лутаат низ Крива Паланка и околните села повторно изби на површина, овој пат со отворена пресметка меѓу институциите. По вчерашниот протест на револтираните жители, поддржани од градоначалникот Сашо Митовски, денеска дојде и остра реакција од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која ја префрли одговорноста на Општината.

Според АХВ, локалната самоуправа е подеднакво одговорна за состојбата која ги мачи граѓаните цели 15 години. Агенцијата го обвини градоначалникот Митовски за несоработка и го повика да ги почитува законските обврски за заедничко дејствување со цел заштита на имотите на жителите во селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење и Станци.

„Говедата ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога Општината не соработува со Агенцијата, а е подеднакво одговорна за решавање на проблемот“, посочуваат од АХВ. Сепак, Агенцијата најави дека и понатаму ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на Општина Крива Паланка.

Државата е сопственик само „на хартија“

Апсурдот на ситуацијата неодамна беше истакнат и во истражување на БИРН, објавено во декември минатата година. Според истражувањето, државата формално ги одзела кравите од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки уште пред година и пол, согласно измените на Законот за благосостојба на животните.

Сепак, на терен ситуацијата останува непроменета – кравите продолжуваат да лутаат без никаков надзор, предизвикувајќи штети на имотите на граѓаните и честопати преминувајќи ја дури и државната граница. АХВ е сопственик на добитокот само во документацијата, додека реалната контрола над животните сè уште не е воспоставена.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo