Иранската државна телевизија „Гласот на Исламската Република Иран“ ја објави веста дека Моџтаба Хамнеи е избран за нов врховен водач на земјата, пренесува агенцијата „Фокус“. Во извештаите, тој е опишан како „личност која е ранета од непријателот за време на војната Рамадан“, како што медиумите го нарекуваат актуелниот конфликт. Сепак, деталите за неговата здравствена состојба не се соопштени.
Таткото на Моџтаба, ајатолахот Али Хамнеи, заедно со неговата сопруга, загинаа во израелски воздушен напад врз Техеран на 28 февруари, на самиот почеток на конфликтот. По нивната смрт, Моџтаба не се појавил во јавноста, а неговиот избор за врховен водач беше потврден синоќа од исламските верски водачи во Советот на експерти.
Според медиумите, еден од клучните фактори за неговиот избор била изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го нарече „неприфатлив“ како наследник на функцијата на својот татко. Моџтаба Хамнеи се смета за личност со силни врски во иранската војска, но неговото наследување на највисоката функција во државата потсетува на монархиски систем, против кој беше насочена Исламската револуција во 1979 година.
Се очекува денеска новиот врховен водач да се обрати пред нацијата, но досега тој не се појавил во јавност.


















