Парламентот во Португалија направи сериозен чекор кон строга контрола на онлајн-просторот за малолетници, одобрувајќи во прво читање закон со кој социјалните мрежи практично се затвораат за деца под 16 години. Според новата рамка, тинејџерите од 13 до 16 ќе можат да имаат профили само со јасна и верификувана дозвола од родител или старател, додека за помладите од 13 години пристапот целосно се забранува.
Целта, како што објаснуваат предлагачите, е државата конечно да ја врати контролата кај семејствата, наместо правилата да ги диктираат самите платформи. Возраста би се потврдувала преку официјален дигитален систем за идентификација, со ветување дека нема да се отвори простор за масовно собирање лични податоци.
Мерката директно ги погодува мрежите како Instagram, Facebook и TikTok, додека апликации за секојдневна комуникација се третираат поинаку. Паралелно се отвора и дебата дали платформите ќе мора да вградат дополнителни заштитни филтри за содржини со насилство, манипулации и експлицитен материјал.
Критичарите предупредуваат на ризици од прекумерна контрола и лесно заобиколување преку VPN, но поддржувачите тврдат дека ова е неопходна заштита за младите во дигиталната ера.
Португалија не е сама во овој правец. Во рамки на European Union, слични ограничувања веќе туркаат Франција, Данска и Пшанија, додека Австралија веќе постави строг преседан со забрана под 16 години.
Ако законот помине и во следните читања, Португалија може да стане една од првите европски земји со вистински спроведлив дигитален ѕид за малолетници – со казни што би можеле скапо да ги чинат технолошките гиганти.

















