Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху се согласиле дека САД ќе работат на намалување на извозот на иранска нафта во Кина, објави Axios, повикувајќи се на двајца американски функционери запознаени со разговорите.
Средбата се одржала во Белата куќа, каде што, според изворите, било договорено Вашингтон „со полна сила“ да ја спроведува стратегијата на максимален притисок врз Техеран.
– Се согласивме да извршиме максимален притисок врз Иран, особено во однос на продажбата на иранска нафта во Кина – цитира „Аксиос“ висок американски претставник.
Кина реагира: Трговијата е легитимна
По објавата, кинеското Министерство за надворешни работи порача дека нормалната соработка меѓу државите, спроведена во рамките на меѓународното право, е разумна и легитимна и треба да се почитува.
Кина купува повеќе од 80 проценти од иранскиот извоз на нафта, што ја прави клучен економски партнер на Техеран. Намалувањето на оваа трговија би претставувало сериозен удар врз приходите на Иран.
Дипломатија и воени сигнали
Минатата недела американски и ирански претставници, со посредство на Оман, разговарале за иранската нуклеарна програма во обид да се оживее дипломатскиот процес.
Во меѓувреме, според медиумски извештаи, САД распоредиле поморски сили во регионот, а американската војска се подготвува за можни подолготрајни операции поврзани со Иран.
Зголемените тензии дополнително ја усложнуваат енергетската и безбедносната состојба на Блискиот Исток, со потенцијални последици врз глобалните пазари на енергенси.

















