Најпрепознатливиот симбол на Дубаи, луксузниот хотел со седум ѕвезди „Бурџ Ал Араб“, оди на заслужен одмор, но под превезот на мистерија. Сопственикот „Џумеира Груп“ официјално потврди дека хотелот започнува масовна, 18-месечна реконструкција – прва од ваков тип откако објектот беше отворен во далечната 1999 година.
Иако менаџментот тврди дека реновирањето, предводено од познатиот париски архитект Тристан Оер, е планирано одамна, јавноста е скептична. Оваа одлука доаѓа само кратко време по инцидентот во февруари, кога остатоци од пресретнат ирански дрон ја оштетија фасадата на грандиозната кула висока 321 метар.
Додека од хотелот упорно негираат дека реконструкцијата е поврзана со нападот, тајмингот е повеќе од впечатлив. Геополитичките тензии на Блискиот Исток веќе предизвикаа пад на туризмот и откажување на летовите, па многумина сметаат дека ова е стратешки потег на Дубаи за да го „скрие“ оштетениот симбол додека не поминат немирните времиња.
За оние кои веќе имале резервирано ноќевање во овој рај на земјата, „Џумеира Груп“ нуди алтернативно сместување во останатите свои хотели. Сепак, прашањето останува: Дали по овие 18 месеци ќе го видиме истото „Едро“ или нападот со дрон остави подлабоки лузни отколку што властите сакаат да признаат?










