ПРВ.мк
Свет

Од денеска влезот во ЕУ веќе не е ист – секој патник ќе минува низ нов дигитален систем а ова се условите

Од денеска влезот во ЕУ веќе не е ист – секој патник ќе минува низ нов дигитален систем а ова се условите

Од денеска, 10 април 2026 година, системот EES официјално е целосно оперативен на сите надворешни гранични премини на земјите што го применуваат, што значи дека за патниците од земји надвор од ЕУ започнува нов начин на евиденција при влез и излез од Унијата.

Со новиот систем, на границите повеќе не се ставаат печати во пасошите, туку електронски се регистрираат влезовите, излезите и евентуалните одбивања за влез. Во системот се внесуваат податоци од патната исправа, фотографија на лицето и отпечатоци од прсти, а целта е полесно да се следи дозволениот краткорочен престој според правилото 90 дена во период од 180 дена.

EES се однесува на државјани кои не се од ЕУ и патуваат за краток престој во шенген-зоната, вклучително и патници што доаѓаат од земји со безвизен режим. При првото патување по активирањето на системот, се земаат биометриските податоци, а на следните преминувања контролата најчесто треба да биде побрза затоа што лицето веќе е регистрирано.

За патниците и возачите тоа значи дека треба да сметаат на подетална контрола, особено при прво влегување во ЕУ преку копнен премин, пристаниште или аеродром. ЕУ наведува дека системот треба да донесе побезбедни и поефикасни гранични проверки, но во пракса на дел од премините може да има и подолго задржување додека се врши првата регистрација.

За професионалните возачи особено важно останува внимателно да ги следат деновите на престој во последните 180 дена, бидејќи системот автоматски ќе ја евидентира секоја влезно-излезна активност и полесно ќе покажува дали е надминат дозволениот престој.