ПРВ.мк
Македонија

По Велигден доаѓа нов бран слободни денови – мај носи викенди што многумина ќе ги спојат

По Велигден доаѓа нов бран слободни денови – мај носи викенди што многумина ќе ги спојат

По велигденските празници, календарот веќе во мај носи нови можности за продолжен одмор. Според објавените листи за неработни денови во 2026 година, за сите граѓани неработен е 1 мај, кој годинава паѓа во петок, што автоматски отвора тридневен викенд.

Вториот продолжен викенд за сите граѓани е поврзан со 24 Мај, празникот „Св. Кирил и Методиј“. Бидејќи оваа година паѓа во недела, неработен ден ќе биде понеделник, 25 мај, со што повторно се добива споен викенд.

Мај носи и дополнителен одмор, но не за сите. За граѓаните од православна вероисповед, неработен е и 29 мај, петок пред Духовден, што отвора уште еден тридневен викенд на самиот крај од месецот. За граѓаните од муслиманска вероисповед, пак, 27 мај, среда, е неработен ден по повод Курбан Бајрам, но тој празник не се врзува со викенд.

Со тоа, по априлските празници, мај се издвојува како еден од месеците со најмногу можности за краток одмор, особено за оние што однапред ќе си ги испланираат слободните денови.