Чувството на среќа не останува исто во текот на животот, туку се менува зависно од возраста, животните искуства и начинот на кој човек ја доживува својата секојдневна реалност. Ново истражување на германски и швајцарски научници покажува дека највисокото ниво на позитивни емоции најчесто се достигнува околу 70-тата година од животот.
Студијата, во која биле опфатени повеќе од 460.000 луѓе од различни делови на светот, укажува дека среќата често опаѓа во периодот на адолесценција, кога младите минуваат низ бројни физички, емоционални и социјални промени.
Подоцна, како што минуваат годините, позитивните чувства постепено повторно се зголемуваат, а врвот го достигнуваат околу седмата деценија од животот. По таа возраст, според резултатите, почнува постепено да расте и присуството на негативни емоции.
Сепак, научниците нагласуваат дека возраста не е единствениот фактор што влијае врз чувството на благосостојба. Важна улога имаат и физичката активност, финансиската сигурност, како и квалитетот на односите со луѓето околу нас.
Тоа значи дека среќата не зависи само од бројот на години, туку и од животните услови, навиките и поддршката што човек ја има. Истражувачите посочуваат дека и покрај овие резултати, среќата останува лично и различно искуство кај секој човек.










