Екипажот на мисијата „Артемис II“ се подготвува за враќање на Земјата по историскиот лет околу Месечината, а најкритичниот дел од целата мисија сега допрва следува. Според NASA, капсулата „Орион“ треба да влезе во атмосферата и да се спушти во Пацификот крај брегот на Сан Диего на 10 април, околу 8:07 часот навечер по источно американско време.
Во капсулата се наоѓаат Виктор Гловер, Рид Вајзман, Кристина Кох и Џереми Хансен, четворицата астронаути кои со оваа мисија станаа прв екипаж во рамки на програмата „Артемис“ што замина на лет околу Месечината. NASA потврди дека тие на 6 април ја обиколиле далечната страна на Месечината, а потоа го започнале патот назад кон Земјата.
Најголемиот тест сега е самото враќање, бидејќи „Орион“ ќе мора да издржи екстремни услови при влезот во атмосферата. NASA наведува дека токму оваа фаза е клучна за целата мисија, затоа што треба да се провери дали леталото и системите функционираат безбедно за идните патувања со екипаж кон Месечината.
„Артемис II“ полета на 1 април 2026 година и претставува прв лет со астронаути во оваа програма, замислена како основа за идните мисии на NASA, вклучително и ново слетување на Месечината.










